Во Македонска Каменица се подобрува патната инфраструктура во неколку населени места во руралните средини. Од општината информираа дека во таа насока реализирани се активности за асфалтирање на локалниот пат до маалата Бошнаци и Врбаци во село Косевица.
-Активноста се реализира со поставени 2000 метри асфалт, со уредени канали и пропусти за одводнување на атмосферските води и наноси. Проектот е реализиран преку Агенцијата за поддршка на земјоделието и руралниот развој и овозможува олеснет пристап и движење на граѓаните од општина Македонска Каменица до нивните домови и имоти во село Косевица, информираа од општината.
Заедно со локалниот пат Луковица – Косевица, како што додадоа, со средства од општинскиот буџет, жителите на село Косевица за само две години добија нови асфалтни патишта во должина од над четири километри.
-Ова е нешто што значително ги подобрува условите за побрз локален економски развој и овозможува подобрена мобилност на жителите од оваа и од околните рурални средини во општина Македонска Каменица. Подобрувањето на патната инфраструктура за рамномерен развој на сите рурални средини останува приоритет во работењето на локалната самоуправа, додадоа од општината.
Најавија продолжување со реализација на проекти за поврзување на најоддалечените делови и во останатите селски средини во Македонска Каменица.