Започна хортикултурно уредување на новиот парк и плоштад во Крива Паланка

0
34

Секторот паркови и зеленило на јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка започна со хортикултурно уредување на новиот плоштад и градски парк во општината, со што ќе бидат уредени 1280 метри квадратни тревна површина и дополнителни цветни декоративни форми.

-Нашите вработени отпочнаа со етапно засадување цвеќе на предвидените локации и форми за оваа намена. Мора да напоменам дека набавени се најсоодветни цвеќа согласно годишната доба и временските услови,а за претстојниот период веќе е одобрен тендер за набавка на есенско цвеќе и комплетно уредување со разни сезонски цвеќиња. Исто така набавени се и веќе се засадени неколку декоративни дрвца, јапонска слива, а се садат и повеќегодишни зимзелени дрвја за жива ограда кај паркот. Истовремено, на сите новоуредени површини е поставен систем за наводнување капка по капка и пумпи со модерна контрола за активација, изјави директорот на Јавното претпријатие Комуналец, Крива Паланка, Миле Марковски.

Уредувањето на јавните зелени површини се одвива паралелно со градежните работи за изградба на паркот и плоштадот и ја следат динамиката на градба со усогласување на работата.

– Веќе се уредени неколку цветни форми на самиот централен дел на плоштадот каде се засадени цвеќа тангенс, направени се фигури, во дел од паркот се засадува жива ограда со фотинија, посадени се и две декоративни дрвца, јапонска слива, а ќе продолжи садењето жива ограда и многу други зимзелени дрвја и уште цвеќа. Семе трева ќе биде засеано на вкупна површина од околу 1280 метри квадратни, изјави Драги Пејчиновски, раководител на секторот паркови и зеленило во ЈП Комуналец.

Системот за наводнување што ќе биде поставен ќе биде со можност за далечинско управување и контрола.