Тешко им е, им недостасуваат другарчињата – Наставничката по македонски јазик, Ана Тимовска-Митрева е утеха за учениците кои од Македонија се преселуваат во Швајцарија

0
240

Секој Швајцарец е полиглот и мора да ги знае сите три официјални јазици: францускиот, германскиот и италијанскиот. Но, голем дел од Швајцарците имаат желба да го научат и македонскиот јазик, некои затоа што се во мешан брак, а некои поради своите македонски пријатели, вели за ММС,  Ана Тимовска-Митрева, наставник по дополнителна настава по македонски јазик во Локарно, Муралто и околните места во италијанскиот дел на Швајцарија.

– Има мешани бракови, имам кај мене случаи. Имав и една родителка мајка со Македонец во брак која сакаше да научи македонски затоа што сите дома зборувале на јазик кој дотогаш и бил непознат. Детето на една од моите колешки во училиштето ми пријде и ми рече дека сакало да научи македонски јазик. Јас му реков дека нема да му треба, но тој рече сите другари му биле Македонци и сакал со нив да зборува на македонски јазик. Ми рече дека некој ден ќе дошол во Македонија и така се случи. После неколку години, одеа на одмор во Грција и попатно со мајка му дојдоа во Струмица на гости. Кај Швајцарците има голем интерес за различните култури – вели Ана која неколку години живее во Локарно и е вработена преку Министерството за образование и наука.

Наставничката наставата ја изведува во пет работни групи со ученици од прво до деветто одделение поделени во комбинирани паралелки. Цела година наставата се одвивала со физичко присуство под маски, со тестирања и биле подготвени повеќе сценарија за наставата ако имало поголем број на заразени.

– После редовна настава доаѓаат кај мене, за да не одат дома, па да се враќаат. Од 11.45 часот до 13 часот одат дома да ручаат и потоа се враќаат на настава се до 16 или 16.45 зависно од часовите. Потоа доаѓаат кај мене на настава. Наставата се одвива во три групи. Кај децата од прво второ и трето одделение акцентот е ставен на описменувањето со учење на азбука, пишување и читање. Кај децата од четврто, петто и шесто одделение ставаме акцент на општеството, природата, историјата и географијата. Програмата е изготвена од Бирото за развој на РСМ. Благодарение на колегите од МОН и од Агенцијата за иселеништво, имаме и воннаставни активности, во сабота или недела имаме фоклорна секција. Како играорна група настапувавме на многу мултикултурни манифестации како онаа на Празникот на јагодите која се организира во мај. – истакна наставничката Ана.
Во последните неколку години имало голема одзив на учениците за присуство на часовите по македонски јазик, посебно на оние деца кои постојано пристигнуваат од Македонија како што нивните родители добиваат дозвола за престој. Според наставничката на овие деца им е најпотребно внимание затоа што доаѓаат во нова средина.

– Доаѓаат кај мене и редовни се затоа што го знаат македонскиот јазик. Кај нив се чувствува носталгијата за родниот крај. Тажни се, им недостасуваат другарчињата, јас ги тешам. Го чекаат часот со мене за да поразговараат. Се случува да дојдат и во друго училиште само за да разговараме, а нивните родители знаат дека децата полесно ќе се навикнат на новата средина ако зворуваат на македонски јазик. Имаат потешкотии со италијанскиот јазик, им помогам за математика, англиски. Тешко е во нова средина со нов јазик, нови соученици, нова земја – вели таа.

На нејзините часови децата не учат само јазик, туку се запознаваат и со македонската историја и традиција.

 

 

– Помалите ученици ги интересираат буквите, сакаат да се описменат, да знаат да читаат. Посебно внимавам на нашите празници и се трудам тематски да ги одбележиме. Откако ќе научат да пишуваат, првото што го сакаат е да им напишат новогодишна честитка на баба и на дедо. Поголемите ги интересира историјата на Македонија. Ги сакаат нашите песни и драми од познати писатели кои ги работиме во драмската секција – раскажа Митрева.

Таму каде што работи Ана живеат најмногу Македонци од Источна Македонија, повеќе од струмичкиот крај од каде што е и нејзиниот сопруг. Во Швајцарија живее заедно со своето семејство, а нејзините деца се презадоволни од образовниот систем кој е еден од најдобрите во светот.

 

 

– Мојата ќерка заврши прва година средно Гимназија. Во Гимназија учениците можат да бираат помеѓу јазиците, општествените или природните науки и да се подготвуваат за високо образование. Сепак, најмногу внимание се посветува на јазиците. Секој ученик тревба да ги знае, францускиот, германскиот, италијанскиот и англискиот јазик. Оние ученици кои посетуваат стручни средни училишта исто така се добро организирани затоа што трипати неделно учениците одат на пракса, а два дена учат теорија во училница – открива наставничката Митрева.

Швајцарскиот образовен систем уште во осмо одделение ги селектира учениците на две нивоа А и Б. На А-нивото се учениците кои имаат среден просек над 4,5 по математика и германски јазик можат да одат во средно училиште каде што сакаат, а оние кои имаат помал просек од 4,5 може да се запишат само во стручно училиште.

 

 

– Во стручно училиште децата може да се запишат ако претходно си најдат фирма каде што ќе одат на пракса. Без тоа нема запишување. Нивниот систем овозможува реално оценување на учениците и е добар за напредокот на децата. Но, кај нив нема усно изразување и се се прави преку тестови. Голем стрес на децата им е денот кога имаат по два до три теста одеднаш и сметам дека ова им е единствена маана затоа што усменото изразување е важно – истакна таа.

Ана Тимовска-Митрева додаде дека во секое училиште постојат специјални паралелки со ученици со посебни потреби со цел тие да не се чувствуваат маргинализирано, а државата посветувала многу внимание на интеграцијата на овие млади лица во општеството.

– Кога ќе завршат деветто одделение им се помага веднаш да најдат работа во некои институции. На свои 15-16 години работат и заработуваат, секако со помош на другите. Некои од нив изработуваат рачни изработки кои се продаваат и средствата се наменети повторно за нив. Цел ден се вклучени во активности – додаде наставничката.

 

Статијата е превземена од порталот : ММС

 

Автор на текстот :

 

Орце Костов