26.8 C
Skopje
недела, септември 19, 2021
дома Култура Промовиран проектот „Кале, срцето на Тетово”

Промовиран проектот „Кале, срцето на Тетово”

0
100

„Кале, срцето на Тетово” е иницијатива чија цел е дел од тетовското Кале да се претвори во современ културен центар.

Иницијативата предвидува два поголеми објекти, кои се дел од некогашната тврдина, да се адаптираат и во нив да се отвори музеј и помала концертна и мултимедијална сала. На синоќешната промоција на проектот иницијаторите истакнаа дека досега тетовци извонредно ја прифатиле иницијативата бидејќи се очекува на овој начин да заживее оваа историска знаменитост на градот која, како што велат, сега стои целосно запуштена.

-Тетовското Кале заслужува да го зачува препознатливиот лик и да добие еден културен центар, а со тоа и да се збогати туристичката понуда на Тетово. За разлика од веќе постоечките културно историски објекти во градот, како Шарената џамија, Арабати Баба Теќе и Музејот на тетпвскиот крај, нам ни треба нешто ново кое ќе биде препознатливо и за младите и за постарите генерации. Идејата на овој проект е едниот, од двата зачувани објекти, да се адаптира во музејски простор во кој би биле изложени археолошки артефакти од овој регион, а вториот објект да се претвори во мал мултимедијален центар со концертна сала и кино сала. Калето отсекогаш било место кое ги обединувало сите тетовци, а такво ќе продолжи да биде и со реализацијата на оваа неша замисла, изјави Дино Блажевски, претставник на проектот „Кале, срцето на Тетово”.

Зачуваните објекти и ѕидовите на калето се ставени под заштита на државата. Пред десетина години на калето се вршеа архолошки истражувања, а едниот објект, просторијата во која некогаш престојувала и се хранела војската, беше реновиран. Но, тука се застана и од тогаш ништо не е превземено за заживување на овој значаен историски објект.

-Со оглед на тоа дека и двата објекти сега се под заштита на државата како културно наследство, ќе мора најблиску да соработуваме со надлежните институции околу адаптирањето на просторот за да не се наруши нивниот автентичен изглед. Досега направивме три суштински анализи, тоа се правната финансиските и компаративна анализа. За овој проект можат да се обезбедат средства и од меѓународни фондови, но се надеваме дека и државата, односно надлежните министерства, ќе го препознаат значењето на оваа иницијатива и ќе пројават интерес да учествуваат во изградба на културниот центар на Тетовското кале. Иако ова за сега е само идеја, мислиме дека има големи изгледи таа и да се реализира во наредниот преиод, изјави Блажевски.

Тетовското кале како објект се споменува уште во античко време, а кон крајот на 18 и почетокот на 19 век турскиот паша Реџеп и неговиот син Абдураман на врвот Балтепе градат голема тврдина, со дебели камени ѕидови. Со паѓањето на Реџеп паша и Абдураман паша почнува да пропаѓа и тврдината. Поголемиот дел од градбите се срушени и затрупани со земја, а од некогаш моќните бедени зачувани се делови. Од големиот број објекти кои постоеле, до денес се зачувани два од кои едниот пред десетина години беше реновиран.

Проектот „Кале, срцето на Тетово” се спроведува во рамките на Иновативните иницијативи, програма финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, која ја спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи и нејзиниот партнер Националниот младински совет на Македонија.