Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски.

0
667

Директорот Близнаковски го информира претседателот Пендаровски за надлежностите, поставеноста, програмските активности и кадровската екипираност на Агенцијата за иселеништво. Со оглед на порастот на бројот на иселени граѓани во странство, Агенцијата за иселеништво има голема одговорност пред приближно 700 000 иселеници, давајќи поддршка во сите области на своето дејствување, од културниот развој на иселениците,  помагање на наставата по мајчин јазик,  правна и економска помош, информирање околу начинот за стекнување со македонско државјанство, до добивање на патни исправи и други важни документи.

Од досегашната соработка како еден од главните проблеми со кои се среќаваат иселениците, Директорот Близнаковски го истакна  недостатокот на патните исправи и незадоволството од слабата екипираност на дипломатско-конзуларните претставништва во државите каде концентрацијата на македонските граѓани е најголема.

 

Агенцијата за иселеништво вложува напори преку секојдневната комуникација, да ги поттикне иселениците да учествуваат во сите процеси кои се од општествен и взаемен интерес,  на кој начин би се зацврстила врската со матичната држава, како на пример процесот  самопопишување и важноста на резултатот од истиот,  кој трае до крајот на септември 2021 година.

Директорот Близнаковски  побара  институционална поддршка во рамките на неговите надлежности за зајакнување на ингеренциите на Агенцијата за иселеништво, со цел навремено и квалитетно одговарање на нивните барања.

На средбата директорот Близнаковски и претседателот Пендаровски се согласија во иднина при службени посети на Претседателот во странство, да бидат информирани и иселеничките организации, со цел организирање на непосредни средби на кои иселениците директно ќе бидат информирани за клучни прашања и вклучени во  секојдневниот и општествен живот на Република Северна Македонија.

Во знак на благодарност за средбата, директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски, на претседателот Стево Пендаровски, му подари филигрански сувенир од традиционална народна носија.