Ако мислевте дека македонскиот јазик повеќе не се зборува во Бразил, тогаш сте се излажале. Доказ за тоа е 90 годишниот дедо Живко од битолско Жабени, кој иако во Бразил емигрирал во 1951 година, патувајќи 27 дена со брод преку Грција, Италија, Франција и Јужна Африка, и се оженил со жена од iталијанско – полско потекло, македонскиот јазик не само што не го заборавил, туку го пренел и на својата сопруга Сирли.
Ја имав честа два часа, онлајн и лично, да разговарам со дедо Живко, за кој можам да ви потврдам дека зборува толку добро македонски, би помислиле дека пред само неколку години излегол од своето родено Жабени! Весел, насмеан и со ведар дух, нема никогаш да претпоставите дека овој човек ја преживеал Втората светска војна, ги оставил својата мајка, браќа исестри во Македонија, крадел суво грозје да задоволи глад во имиграциониот камп во Грција и дека со својот татко и брат поминале 10 години сами во Бразил, во место каде на почетокот немале ни струја, ни вода.
Претприемачкиот дух на дедо Живко се покажал многу рано во неговиот имигрантски живот, па по само 4в години од преселбата во Бразил, тој, заедно со својот татко, брат, чичко и братучед, отвориле фабрика и дуќан за чевли, каде произведувале, продавале и поправале чевли. Тој и ден денес, секојдневно го отвора својот чевларски дуќан и работи во него исто како и првиот ден, и е локална сензација! На 17 јули оваа година, дедо Живко го прослави својот 90-ти роденден. Неговата ќерка Елизабета (една од шесте деца) со нас сподели видео и фотографии од прославата, на коишто може да се види како игра оро на мјакедонска песна, како и прекрасната симбиоза на македонското и бразилското знаме, која само ја покажува нивната огромна желба за задржување на македонската култура и традиција.
Автор: Ирена Трајковска
Преземено од магазинот „Везилка“
www.vezilkamagazine.com.mk