Во прекрасниот амбиент во етно бавчата на македонското здружение „Вардар Качарево“ од Качарево, се одржа 12-ти по ред „Зелникфест“, пред неколку години наречен: „Се собираме оти се разбираме“.
Како да се зачуваат старите рецепти и нивното традиционално готвење е единствената цел на оваа манифестација. Старите домаќинки велат дека зелниците полека се забораваат, а младите се поретко сакаат да ги прават. Вредните домаќинки, тестото на традиционалниот македонски специјалитет на лице место го замесуваа, потоа сукаа, а на крајот го печеа. Низ пријатна атмосфера со убава македонска традиционална музика, готвачите како и гостите имаа можност да ги вкусат традиционалните зелници и да видат како тие се приготвуваат.
Организаторите на оваа веќе традиционалната манифестацијата здружението „Вардар Качарево„ од Качарево и Центарот „Тоше Проески„ истакнуват дека ваквите нивни настани имаат за цел усовршување на животните вештини, се дел од проектот кој ги опфаќа и другите потреби во животот како што се основна информатичка писменост за возрасни и деца, плетење, везење, ткаење, кроење и шиење на основите делови на облека, па дури и запознавање со облеката од поранешно време и изработка на делови од носиите, зачување на животната средина итн. Овој проект и организирање на една ваква манифестацијата имаат за цел да зачуваат и промовираат дел од македонскиот национален идентитет.
Покрај учесниците и домаќините од Качарево, учествуваа и македонските здруженија „Илинден„ од Јабука, „Вардар Вршац„ од Вршац, Етно катчето Качарево, со вкупно 18 мајстори на ова традиционално македонско етно јадење.
Потребните продукти (брашно, квасец, масло, млеко, јајца…) за подготвување на зелниците ги обезбеди здружението „Вардар Качарево„. Вештите раце на жените кои традиционално месат и готват македонски јадења, го подготвуваат и зелникот кој што се состои од тенки слоеви на кори, полнети со праз, коприви, зеље, сирење, јајца, киселец или мелено месо.
Запишани или запаметени од усните преданија на нивните баби и прабаби, домаќинките ги обновуваат старите рецепти и имајќи голема желба да ги споделат со своите најблиски, вложуваат огромен труд во нивната подготовка. Во Качарево, тој ден, додека трае Зелникфестот, вештите, искусни домаќинки го прават надалеку познатиот зелник, специјалитет со неповторлив и единствен вкус. Како што велат постарите: „Суканиот и месениот зелник е тајната со која се успева да се собере целото семејство на една трпеза„.
Зелникот обично се послужува топол и со јогурт. Целата околија замириса на убави печени зелници, кои беа филувани со различен фил. Во прекрасен амбиент на дружење тој ден се слушнаа и македонски зборови, македонски песни, а македонската традиција беше присутна во секој момент.
Со звуците на хармониката и песната на пеачката група „Тоше Проески„ се заврши манифестацијата „Зелникфест„ со желба секоја година бабите и мајките да им пренесуваат на внучињата како се сука и како се подготвува вистински македонски зелник.
Дури ни жешкото сонце, ни температурата од 35 степени не ги спречи вештите домаќинки да ги презентираат своите знаења во зачувувањето на традицијата. Се надеваме дека следната година оваа манифестација ќе биде помасовна и побогата.