Полека, но сигурно станува реалност долгонајавуваниот проект за целосна реконструкција на „Мирослав Крлежа“ и пренамена на улицата во пешачка и резидентна зона. Најголем приоритет се жителите заради воведувањето резидентен паркинг, а сите граѓани ќе добијат нова и модерна пешачка зона за рекреација, со нова урбана опрема и со ново јавно зеленило, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Проектот се спроведува по барање на жителите кои живеат во овој дел на Центар, а за него како што информира општината, одвоени се 68 милиони денари.
– Реконструкцијата ќе се изведе на површина од 6.000 квадратни метри, ќе се постават нови гранитни и травертин плочи, изработени од природни материјали. Исто така, ќе бидат поставени ново ЛЕД-осветлување, нова урбана опрема и јавно зеленило на површина од 693 м2 и дополнително ниско-средно зеленило со нови 100 садници, соопшти Општина Центар.
За реализација на проектот, Општина Центар објави Јавен конкурс во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје, при што од најдобрите три решенија изработени од студентите се формираше едно идејно решение за основниот проект за реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“, во согласност со барањата и потребите на жителите во Дебар Маало.
-Преку реализацијата на нашите инфраструктурни проекти полека ја заокружуваме целината што ја најавувавме изминативе четири години, а тоа е Дебар Маало да биде резидентно маало и конечно да ги вратиме мирот и безбедноста на граѓаните што живеат во овој реон, додава градоначалникот.
Реконструкцијата на улицата ќе започне за 45 дена по завршување на постапката за јавна набавка.