Претставници од Друштвото на Македонците во Романија предводени од страна на Пратеникот Станцу Јонут, ја посетија Агенцијата за иселеништво на 15 Jули 2021

0
475

Претставници од Друштвото на Македонците во Романија предводени од страна на Пратеникот Станцу Јонут, ја посетија Агенцијата за иселеништво на 15 Jули 2021, каде остварија средба со директорот Слободан Близнаковски и раководителите Билјана Костова и Искра Тројачанец Најденовска

Претставниците на Друштвото на Македонци во Романија, информираа дека во државата ќе престојуваат од 12-19 јули и нивната посета се должи на Галичката Свадба на која традиционално присуствуваат секоја година. Традициите и обичаите за време на оваа единствена и значајна манифестација ги документираат со поддршка од страна екипа од  Националната Романска Телевизија и од овој  материјал подоцна изготвувааат промотивни брошури, календари слики и други сувенири.

Претседателката на друштвото г-ѓа Лаура Елен Рогобете Кристеску се заблагодари на досегашната соработка во насока на поддршката на наставата по македонски јазик која Агенцијата за иселеништво непречено ја дава преку испраќање на учебен материјал, лектири и други промотивни материјали како и со испраќање на наставник по македонски јазик за време на нивните курсеви кои се одржуваат во Скопје, Струга и Маврово секоја година.

Секретарот Елена Првулеску информира дека денот 8 Декември со Закон во Романија е прогласен како ден на македонскиот јазик. Како продолжение на тоа, а со поддршка од страна на Агенцијата за иселеништво, планираат во иднина да имаат и денови на македонската култура, на кои денови би ги чествувале дејците и делата на:  Крсте Петков Мисирков, Глигор Прличев, Блаже Конески, Петре Андреевски, Коста Рацин и други значајни личности за македонската литература, јазик и историја.

Директорот Близнаковски истакна дека со големо задоволство ќе ги подржи сите активности на Друштвото на Македонците во Романија во рамки на можностите и надлежностите и дека е од голема важност постоењето на Пратеник во Романското Собрание избран со мнозинство од македонски гласови, кој воедно ги застапува правата и  интересите на Македонците во Романија.

Во знак на благодарност и поттик за идна взаемна соработка, директорот Близнаковски му подари на Друштовото промотивен материјал, филигрански сувенири и примерок од Преспанска народна носија за збогатување на Македонското катче во рамки на седиштето на друштвото.

Пратеникот Станцу Јонут и Делегацијата, на покана на Агенцијата заиселеништво, беа присутни и на Промоцијата на новата интернет страна на Агенцијата, која се одржа во Клубот на пратеници во Скопје, како почесни гости и соработници на Агенцијата.