ПЕТРОВСКА ВО ПОСЕТА НА ПРВАТА ЗНАКОВНА КАФЕТЕРИЈА ВО БИТОЛА

0
35

Доказ дека љубовта и ентузијазмот можат да премостат многу граници, е примерот на Радмила и Мартин,кои во старата чаршија веќе извесно време се сопственици на кафетеријата „Улаф сте“. Како лица со оштетен слух, нивната гостопримливост и отвореноста кон гостите ја покажуваат постојано, комуницирајќи на знаковен јазик. А ако гостинот сака, преку буквите на знаковниот јазик поставени во кафетеријата, може барем да се обиде да си го каже своето име и да се запознае со љубезните сопственици.

Градоначалничката Наташа Петровска утринава ја посети кафетеријата „Улаф сте“, лоцирана на булеварот 1 Мај, една од најубавите пешачки улици во градот и се сретна со Мартин и Радмила.

„Ви честитам за храброста, бидејќи за да се започне приватен бизнис во денешно време е навистина тешко. Се радувам на заедничката средба, на овој разговор и на можностите заедно да соработуваме во иднина, на различни проекти од значење за градот и за битолската чаршија“, рече градоначалничката Петровска.

Радмила и Мартин велат дека сакаат да бидат пример на една љубовна приказна која треба да допре до сите. Амбиентот покрај реката Драгор, местоположбата на кафетеријата, им дава дополнителна радост и мотивација да направат и други приказни со кои и градот би бил препознатлив. Посетата на градоначалничката Петровска и дадената рака на поддршка од локалната самоуправа за нив е многу значајна, Тие истакнаа дека ова е пример многу важен за лицата со попреченост,во нивната намера да се отворени за промени и да не се повлекуваат пред животните предизвици.