Започна со работа градскиот базен во Македонска Каменица

0
360

Започна со работа градскиот базен во Македонска Каменица. Влатко Андоновски, директор на Јавното претпријатие „Камена Река”, кое стопанисува со базенот, соопшти дека годинава за посетителите се воведуваат новини со кои дополнително ќе се подобри престојот на пливачите и посетителите на градскиот базен.

– Во рамки на можностите на претпријатието, оваа година покрај останатите дополнителни елементи, повторно ќе поставивме мал детски базен, кој ќе биде наменет за најмалите посетители. Детскиот базен е изработен од висококвалитетен материјал, со комплет филтри за пречистување и одржување на водата. Поседува и цераден дел за покривање, со што ќе се намали атмосферското влијание врз водата, во период кога не се користи, вели Андоновски.

Додава дека минатата година поради строгите протоколи за заштита од Ковид-19, градскиот базен остана затворен за посетителите.

– За среќа годинава се надеваме дека градскиот базен ќе биде привлечна дестинација за одмор, спорт и релаксација за граѓаните од општина Македонска Каменица и посетителите од регионот, додаде Андоновски.

Во меѓувреме од ЈП „Камена Река“ информираа дека двата дефекти на главната водоводна линија се целосно санирани и водоснабдувањето во Македонска Каменица веќе е нормализирано.