Во завршна фаза се градежните работи на новиот, шести објект на детската градинка во Кочани, лоциран во населбата Драчевик.Во тек е изведбата на надворешната термофасада и уредувањето на околниот простор, а во внатрешноста веќе се комплетирани тоалетите, вградена е инсталацијата за греење и се работи на спуштање на таваните.
Организирајќи го поширокиот простор, Општина Кочани го уредува тротоарот на улицата „Февруарски поход“ што води до објектот, а ќе се изгради и наменско детско игралиште во непосредна близина на градинката.
– Наскоро ќе биде готов новиот објект во рамките на детската градинка „Павлина Велјанова“. Сметам дека тоа е посебно значајно, затоа што инвестирањето во вакви објекти значи поквалитетен ран детски развој, но и поголема и порамноправна вклученост на родителите на пазарот на трудот. Обезбедувањето доволно капацитети за згрижување на децата всушност значи создавање квалитетен човечки капитал во иднина, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Кочани е една од првите општини во државата каде што се гради нова детска градинка со проект за подобрување на пристапот до услугите за згрижување и воспитание на деца, финансиран со грант од Светска Банка.
Во новата градинка ќе бидат згрижени 115 деца, со што значително ќе се одговори на потребите на семејствата кои се наоѓаат на списокот на чекање за престој на нивните деца во оваа јавна установа.