Почна реконструкцијата на кумановското основно училиште „Христијан Карпош“. Средствата за реконструкција на покривот, подовите, столаријата и санитарните јазли се обезбедени од Министерството за образование и наука. Градежните активности на надворешниот дел веќе се започнати.
– Училиштето аплицираше до МОН во рамки на проектот „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и реконструкција на средни и основни училишта во РСМ“. Сето ова беше поддржано од Општината, успеавме да ги добиеме апликациите и добивме буџет во вредност од 8.877.010 денари средства од МОН и општината, со цел реконструкција на кровот на училиштето, санитарните јазли во крилото на одделенска настава, подовите во сите училници и замена на дотраени дрвени и алуминиумски прозорци, изјави директорката на училиштето, Лидија Костиќ.
Наскоро е предвидено да биде поставена и термоизолациона фасада, која ќе почне по завршување на градежните активности внатре во зградата, за што е потпишан трипартитен договор помеѓу МОН, Општината и училиштето за изработката на техничка документација за проектот.
– Очекуваме поголем дел од работите да бидат завршени до крајот на распустот, изјави Костиќ.
Основното училиште „Христијан Карпош“ е основано во 1959 година со одлука на тогашното Собрание. Ова е едно од најголемите основни училишта во државата, бидејќи според последните податоци настава следат околу 1.200 ученици.