Почна ангажманот на лицата кои ќе извршуват јавни работи за подобрување на чистотата во Берово

0
17

Во Берово почна реализацијата на проектот за работен ангажман на лицата на oпределено работно време за извршување на јавни работи во градот. Како што информираа активноста е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, усвоен од Владата на Република Северна Македонија.

– Преку оваа програмата со финансиски средства од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и кофинансирање од Општина Берово околу 20 лица, добија платен ангажман за уредување на паркови и зеленила, јавни површини, чистење и метење, расчистување на дивите депонии, како и грижа за јавната чистота и зеленило. Искуствата од ваквиот тип на ангажирања секогаш давале позитивни резултати, и значително се забележува бенифитот од ваквиот вид на активности, како за самата општина, за околината и имиџот, така и за финансискиот бенифит на самите ангажирани невработени лица, имајќи ги во предвид и последиците од пандемијата со Ковид-19, посочуваат од општината.

Проект се реализира на предлог на граѓаните, бизнис заедницата и реакциите на туристите.

 

– Сето тоа директно влијае за создавање на почиста слика за Берово во насока на развој на туризмот, како еден од столбовите и стратешки приоритет за развој на општината. Очекуваме со реализацијата на проектот да се подобри градската чистота, Берово да биде попријатно место за живеење  преку намалување на загадените површини, со што ќе имаме задоволни граѓани и гости, што само по себе ќе ја подигне еколошката свест на граѓаните и грижата за здрава и чиста животна средина, како и целокупниот имиџ на општина Берово, потенцираат од општината.

Согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година ангажманот на лицата ангажирани на определено време ќе биде со времетраење од 28 работни денови.