Во Берово почнаа активностите за подобрување на патната инфратсруктура на две улици во градот. Како што информираа од Општината, во моментот се работи на изградба на соодветна инфраструктура на улиците „5” и „Ѓорѓи Димитров”.
-Конечно жителите ќе добијат соодветна инфраструктура. Активностите за изградбата на улица „5” во Берово и три крака од улица ,,Ѓорѓи Димитров” се дел од програмата за реконструкција на локални патишта и улици за 2021 година, истакнаа од Општината.
Вкупниот буџет согласно договорот со градежната компанија која ги изведува работите на терен, како што информираше градоначалникот Звонко Пекевски, изнесува 3,2 милиони денари и истите се обезбедени од општинскиот буџет за 2021 година.
-Станува збор за проект со кој се решаваат значајни проблеми кои имаат големо влијание на квалитетот на живеење на жителите од овој дел од градот, со оглед на тоа што се работи за доста населени улици и честопати кога објавувавме информации за нашите активности од областа на инфраструктурата, особено бројни беа коментарите и прашањата за изградба токму на овие улици, додаде Пекевски.
Паралелно, како што додаде, во Берово во тек се нови инвестиции за подобрување на локалната патна инфраструктура. Во текот на оваа сезона дополни дека ќе се работи и на реконструкција на улиците „Брашнарска” во село Владимирово, изградба на дел од булевар на Кеј на река Брегалница, улицата „7” и крак од улицата „Велко Влаховиќ”, а ќе се работи и на реконструкција на улицата „2” во село Русиново.