Општина Зрновци го почна проектот за реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на Домот на културата во селото Мородвис, со што објектот повторно ќе биде ставен во функција.
За реализација на градежните работи ќе се инвестираат 1,7 милиони денари, од кои најголем дел се обезбедени од Бирото за регионален развој, а околу десет отсто од вредноста ќе биде кофинансирање од општинскиот буџет.
– Домот на културата во Мородвис е изграден пред повеќе од четири децении, но поради дотраеноста на кровот и столаријата подолго време не се користи. Со проектот што ќе го реализираме во текот на летниот период, оштетените дрвени прозорци и врати ќе се заменат со нови, изработени од алуминиумски и ПВЦ материјали. Исто така, ќе се отстранат постојните азбестно-салонитни плочи и покривната конструкција ќе биде изработена од пластифициран челичен лим, при што под неа ќе се вгради и соодветна термоизолација. Со градежните работи е опфатена и реконструкција на надворешната фасада и одвод на атмосферската вода, истакна Блаже Станков, градоначалник на Општина Зрновци.
Во моментот тече рокот за избор на изведувач за реконструкција на објектот, кој по потпишувањето на договорто ќе има обврска градежните работи да ги заврши до октомври годинава.
Паралелно со овој проект, Општина Зрновци ќе ја реализира и третата фаза од изградбата на етно паркот, за што ќе инвестира 2,1 милион денари со кои ќе се асфалтира пристапната улица и паркинг просторот до локацијата.