Мобилна библиотека ќе патува низ државата за да промовира повеќе читање и други вредности

0
67

Во тетовско Теарце беше промовирана мобилна библиотека, дел од проектот Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД), која ќе патува низ нашата и други држави за да промовира повеќе вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање особено кај младите, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот.

Проектот го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации Центар за балканска соработка – „Лоја“ од Тетово, како и организации од Албанија, Косово, Србија и Турција, заедно во соработка со општините.

– Проектот преку своите активности ќе се обиде да даде поддршка, односно стимул за развој на младите во насока на толеранција, меѓукултурна соработка, ширење на демократски вредности, што е најдобро да се негуваат кај најмладите. Библиотеката е опремена со книги и други материјали од земјите кои се наши проектни партнери.  Ќе патува во следните три години низ сите овие држави. Почнуваме токму тука од Теарце и во наредните 12 месеци тимот на „Лоја“ ќе патува низ сите региони на Северна Македонија. Почнуваме од Полошкиот регион ќе се нудат секакви активности од литературни читања, поезија, работилници, изјави Тања Кругер од Гете Институт Скопје.

Концептот на мобилната библиотека е заснован на долгогодишното искуство на Гете-институт со водење на автобуси- библиотеки или културни единици низ различни земји како на пример Франција, Египет, Либан, Јордан, Белорусија и други. Мобилната библиотека содржи наслови од писатели од регионот и Турција. Понудената содржина е на локалните и националните јазици кои се зборуваат во секоја држава. Специјално дизајниран и одлично опремен мини-бус и во следните 12 месеци ќе посети над 100 заедници во Северна Македонија.