Победа Пискачева, која своевремено беше едно од препознатливите лица на Македонската телевизија, пред 18 години замина за Канада, земја која веќе ја смета за своја втора татковина. Нејзиниот професионален ангажман во Канада како комплетен автор и менаџер на телевизиската емисија „Македонско издание“ е забележан и во Македонија, па агенцијата „Марили“ од Скопје ја прогласи за една од десетте најуспешни жени од Македонија и дијаспората во 2007 година.
Со нејзиниот тогашен сопруг за Канада заминале на четири месеци со намера да прошетаат, да ја видат таа земја. Но, токму во тој период почна распаѓањето на поранешна Југославија и тие решиле дека во таква ситуација е подобро да останат во Канада. За неа сето тоа било многу возбудливо бидејќи одлуката ја донеле ненадејно. Сепак, не било лесно одеднаш да се решат дека нема да се вратат дома, дека ќе живеат во нова земја до некои други времиња, доколку дојдат, за да се вратат назад. Но, потоа им се родија децата, па стасале за на училиште, така што плановите за враќање не можеле да се остварат и веќе 18 години нејзино постојано место на живеење е Торонто.
Таму работи на телевизиската емисија со наслов „Македонско издание“. На самиот почеток работела на една друга телевизиска програма којашто била исклучиво комерцијална, но по некое време решила самата да покрене друг вид на програма – информативна и забавна, која на Македонците во Канада ќе им ја приближи родната земја. Емисијата се емитува на телевизијата „Роџерс“, една од најголемите телевизиски куќи во Канада. Емисијата трае 30 минути, се емитува секоја втора сабота попладне, а има и две репризи. Нејзината концепција е со колажен карактер, односно во неа се информира за настани кои се случуваат во заедницата на Македонците во Канада, но и за настани кои се актуелни во Македонија. Меѓу другото, имаат и портрети на личности од Македонија кои успеале да изградат успешни кариери во Канада. Канада е земја која големи можности за успех. Се разбира, познавањето на јазикот е првиот услов за почеток во градењето на сопствената кариера. Иако со новата информациска технологија за сите настани низ светот се дознава веднаш, со нејзината емисија, којашто претставува мост со татковината, Пискачева се обидува на Македонците во Канада да им понуди и визуелно информирање за актуелните настани. Освен тоа, таа на секои две години доаѓа во Македонија и прави серија интервјуа со личности кои се актуелни во македонското општествено живеење, а за кои мисли дека се интересни за нашинците во Торонто.
Пред се, во последно време најмногу ги интересираат случувањата на политички план. Но, мора да напомене дека се до стартот на нејзината емисија македонските иселеници коишто живеат подолго (40-50 години) во Канада, немале можност на телевизија да видат, на пример, еден музички спот од Македонија, или пак документарна емисија за убавините на родната земја, за нејзините туристички перспективи и се што државата може да понуди како опција за инвестирање. Емисијата е двојазична, што значи дека некои прилози одат и на англиски јазик, особено оние со кои сака да ја афирмира Македонија, односно преку нив за нашата земја да дознаат и луѓе што немаат никаква допирна точка со Македонија, но ете, пребарувајќи низ каналите да бидат провоцирани со интересен прилог да се задржат на фреквенцијата на „Македонско издание“, односно „Macedonian edition“ на англиски јазик.
Емисијата ја работи веќе десет години, а од октомври минатата година е поставена и на интернет, што значи дека оттогаш може да ја следат сите Македонци низ светот, кои се интересираат да дознаат што се случува во македонската заедница во Торонто и околината, во Јужно Онтарио. Емисијата ја реализира во сопствена, независна продукција и на неа работи сама. Тоа значи дека е истовремено и уредник, новинар, продуцент, монтажер снимател, а единствено кога работи потешки интервјуа ангажира друг снимател. Всушност телевизијата „Роџер“ од неа добива комплетен материјал, што потоа се емитува. Освен тоа, Победа го води и делот за маркетинг, односно обезбедува реклами кои се емитуваат за време на емисијата. Се на се таа е „one women show“.
За Македонија првенствено ја врзува работата, бидејќи нејзината ТВ емисија известува и за настаните во Македонија. Освен тоа, таа е и официјален дописник на Македонската телевизија од Торонто. Во Македонија, од поблиските роднини го има само брат и со неговото семејство, а бидејќи често доаѓа – овде ги полни своите батерии. „Овде, во родниот крај сме израснале, тука сме го завршиле образованието, тука сме ја почнале кариерата и потоа сме заминале во новата средина. Кога во 1995 год. дојдов во Македонија, сретнав другарка од гимназиските денови. На нејзиното прашање како е во Канада и одговорив дека е супер, единствено што таму не може да ми се случи да сретнам другарка од школските клупи, таму не познавам луѓе од младоста и каде и да отидам таму нема ништо што може да ме потсетува на детството, на минатото – да ми ги врати спомените…“, вели Победа Пискачева.
Освен што е комплетен автор на емисијата, таа работи и како професионален судски преведувач од македонски, српски, хрватски и босански јазик. Покрај тоа таа е и независен брокер за животни осигурувања, што во западните општества е многу популарно. Покрај многуте обврски, Победа е и еден од главните организатори на македонскиот филмски фестивал во Торонто, кој годинава ќе се одржи третпат.
Агенцијата „Марили“ од Скопје и додели награда за успешна жена менаџер, што и е особено драга, бидејќи доаѓа од Македонија – што значи дека е забележан и ценет нејзиниот несебичен придонес за афирмирање на татковината.