Јован Костов

0
392

Социјалните мрежи не служат само за муабетење и за себепромовирање. Тие може да бидат и корисно средство за постигнување поголема цел, како што е чувањето на македонскиот јазик. На „Фејсбук“ е основана групата „Пуздер правам… од македонскиот јазик“, која за една година стекна дури 4.000 члена, главно лингвисти, јазични професионалци, почитувачи на литературниот јазик. Идеен творец на групата е Јован Kостов, доктор по лингвистика. Тој живее 15 години во Франција и од минатата година е на еден од најпознатите светски универзитети, „Сорбона“, предава информатика за општествени науки и информатичка лингвистика и граматика.
Тој работи како аташе за автоматска обработка на јазикот, што е еквивалентно на асистент во нашите универзитети. Kостов магистрирал на универзитетот „Пол Валери“ во Монпелје на отсекот информатичка лингвистика. Докторирал на ИНАЛKО – Институт за светски јазици и цивилизации во Париз, на кој постојат студии по 103 јазика од целиот свет, меѓу кои и на македонскиот. Во рамките на тој институт Kостов предавал граматика на македонскиот јазик.
Пресудно за 31-годишниот гевгеличанец повеќе да се посвети на македонската лингвистика бил Семинарот по македонски јазик, литература и култура во Охрид во 2010 година кога слушал предавања од странски учесници кои ставале акцент на македонските дијалекти.
Франција станала негов избор благодарение на советот што му го дала професорката по француски јазик во гевгелиската гимназија, Роза Влахова-Ланго. Поттикнат од истражувањата на професорот Виктор Фридман, решил да работи врз македонскиот глагол и да го опише од гледна точка на морфотаксата, лингвистичка дисциплина што ги изучува комбинациите на морфемите и нивната реализација.
Тој соработувал со професорите Патрис Поњан, специјалист по словенски јазици, Фроса Пејоска-Бушеро, раководителка на катедрата по македонски јазик на ИНАЛKО, со катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет во Скопје, Институтот за македонски јазик и со ФИНKИ.
Да се замине некаде не е лесна работа и човек треба да биде свесен за две нешта: дека се откажува од комфорот на кој е навикнат и дека треба успешно да се снајде во средина во која навиките, механизмите, хиерархијата и организацијата се поинакви, вели Kостов.