18.8 C
Skopje
четврток, март 30, 2023

Горан Стојаноски

Главната инспирација за истражувањето на мојата докторска теза беше желбата да продолжам да учам и да се надоградувам себеси, мотив да се соочам со нешто недостижно и непознато

Роден сте во во Прилеп, своето основното образование го завршувате во ОУ. „Св. Климент Охридски“ во Битола, а матуриравте при Битолската гимназија Јосип Броз Тито, во билингвалната паралелка, на природно- математичкиот смер. Што ве потсетува прво на родниот крај и средношколските денови во Битола?
Роден сум во Прилеп поради тоа што моите родители потекнуваат од прилепскиот регион, но моето детство го поминав во Битола, каде што живеев до мојата 18 годишна возраст. Битола ми евоцира многу убави спомени. Израснав во битолската брусничка населба, каде што стекнав безброј пријателства, кои до ден-денес ги оджувам. Освен дружењето во улицата со моите другари и другарки, голем дел од моето слободно време го поминував играјќи ракомет заедно со мојот брат Гоце. Во времето во кое растевме, се појавија и првите видео игри. Првиот компјутер за мене беше прозорот кон светот на технологијата. Оттогаш се роди желбата во мене да работам со компјутери и компјутерски компоненти. Средношколските денови ми беа едни од најубавите. Традицијата за кафе на широк сокак беше неизбежен дел од рутината на нашата генерација. Најчесто излегувавме во големо друштво, а секој викенд бевме редовни посетители на битолските кафичи и дискотеки. Но, тоа не значеше дека бев помалку посветен на учењето и на образованието. Контитуирано бев со одличен успех, и бев меѓу подобрите во генерацијата, особено во областа на математиката и техничките науки. Според мене, да се има богат социјален живот и да се биде вреден и исполнителен ученик е најдобриот рецепт за убави средношколски денови.

Своето високо образование го запишувате во 2009 година на машинскиот факултет во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во 2013 година дипломирате и се здобивате со титулата „Дипломиран универзитетски инженер по машинство“, како дел од 10те најдобри студенти на генерацијата. Потоа, своето образование го продолжувате на Универзитетот во Леобен, Австрија. Во 2017 се здобивате со титулата M.Sc. (Dipl.-Ing.). Од каде желбата да изучувате машинство, дали можеби тоа е традиција во вашата фамилија?
Како и многу други матуранти, кога го привршував моето средно образование не бев одлучен на кој факултет да го продолжам моето високо образование. Сепак, бев сигурен дека сакам учам нешто поврзано со автоматика, програмирање и математика. После долго размислување и неколку состаноци со мои сегашни колеги и професори, се одлучив за Машинскиот факлутет во Скопје. Сметав дека овој факултет ќе ми даде најдобра шанса да го научам сето она што е потребно за да се изградам како иден инженер и дека ќе ми ја овозможи потребната пракса. За среќа, моите очекувања беа исполнети. Во последната година од моите студии во Скопје, ја добив можноста да учествувам на еден натпревар организиран од Институтот за автоматика при Универзитетот во Леобен, Австрија, каде што моментално работам. Всушност, заедно со неколку колеги од институтот за автоматика во Леобен – кои исто така учествуваа на натпреварот, изработивме робот кој требаше да помине низ предходно изработени препреки. Престојот на натпреварот ми беше одлична можност да се запознаам со начинот на работа и можностите кои ги нуди Универзитетот во Леобен за студентите од мојата област, па така дојдов и до идејата да го продолжам моето образование на пост-дипломски студии токму на тој Универзитет. Во мојата фамилија јас сум единствен машински инженер, мојот брат е инженер архитект, а моите родители се занимаваат со претприемаштво.

Имате работено како истражувач – инженер на нови методи за контрола на рударските машини во одделот за истражување и развој во познатата компанија Sandvik Mining and Construction, која се наоѓа во Целтвег, Австрија во период од една година, поточно од 2016 до 2017 година. На што ве научи ова практично работење? Има ли големи разлики во она што го изучувавте теоретски од она со коешто се среќававте практично?
Можноста да работам во Sandvik Mining and Construction, која е една од најдобрите 5 фирми во областа на рударски машини на светско ниво, за мене беше големо искуство на личен и професионален план. Имав среќа да работам во одличен сектор, поточно во одделот за истражување и развој, и да бидам опкружен со луѓе кои имаат големо знаење и искуство во мојата област. Работевме и сè уште работиме на најновите технологии на контрола на худрауличните системи кои се користат во рударските машини, поточно во машини за бушење на тунели. Дел од мојата работа во Sandvik беше објавена во мојата магистерска работа, насловена: „Modelling, Simulation and Control of a Hydraulic System with Individual Meter-in and Meter-out“, а во превод „Моделирање, симулација и контрола на хидраулични системи“. Практичното работење беше многу слично, но и многу различно со тоа што до тогаш го работев и знаев. Опкружен со колеги кои имаат големо искуство во мојата област сфатив дека имам уште многу да работам и учам. Исто така, имплементирањето на дел од концептите кои до тогаш ги развивав, за мене беше големо искуство. Сепак, постојат разлики помеѓу моето истражување и имплементирањето на дел од методите во пракса. Не секогаш тоа што го истражуваме има директна имплеметација во пракса, и обратно, не секогаш тоа што го работиме во пракса има директен придонес во истражувачката работа.

Моментално работите како асистент – истражувач при Универзитетот во Леобен, при Институтот за Автоматизација, каде што го пишувате својот докторски труд на темата „Numerical methods for optimal control of hydraulic independent metering systems“, а воедно сте и асистент по предметот Digital Contol of Dinamic Systems. Како ја вклопувате работата на вашата докторска теза, а воедно и работењето асистент – истражувач?
Како асистент – истражувач имам бројни обврски порзани со проектот од кој е финансиран мојот докторат. Впрочем, мојот докторат е финансиран од „Европскиот институт за иновација и технологија“ или поточно „EIT Raw Materials“ под проектот „Rock Vader“, во којшто институтот за автоматика при Универзитетот во Леобен и Sandvik Mining and Construction се едни од партнерите кои работат на изработување на нова машина за бушење на тунели. Тоа ми даде предност да можам да продолжам со тестирања во компанијата Sandvik Mining and Construction на опремата на која веќе предходно работев, а и да продолжам да работам со колегите со кои имав одлично искуство. Дел од мојот ангажман како асистент – истражувач се: подготовка на местата за тестирање, тестирање и аквизиција на податоците, обработка на податоците, имплементирање на нови методи, итн. Дел од овие методи им ги презентирам и на студентите преку предавањата по предметот Digital Control of Dynamic Systems. Целта е да им се долови на студентите како одреден дел од теоретските методи кои ги работиме заедно, можат да се применат во пракса. Исто така, дел од работата што ја работам како асистент – истражувач ќе биде и дел од мојот докторат. Остатокот од мојата работа се состои од подготовка на теоретска основа за методите применети при тестирањата, нивната имплементација во симулации и верификација на методите.

Што ве инспирираше во изработувањето на вашата докторска теза?
Една од главните инспирации за изработката на докторската теза за мене беше желбата да продолжам да учам и да се надоградувам себеси. Друг голем мотив ми беше и желбата да се соочам со нешто што дотогаш сум мислел дека е недостижно, непознато.

Млад, а толку успешен во својата професија, во вашата биографија ќе забележите голем број на трудови на различни теми, што за вас значи пишувањето и што ве инспирира за да создавате?
Пишувањето како и споделувањето на идеи и трудови е нешто што ми создава големо задоволство. Кога пишувам се трудам секогаш да се ставам на страната на читателот и да се запрашам: „Доколку јас го читам овај труд, како би сакал да изгледа и што би сакал да содржи?“ Искрено, верувам во идејата дека сите истражувачи треба да ги споделуваат своите идеи со цел да се создаде подобро општество и свет во кој ќе живееме заедно. Таа мисла ме води и мене како истражувач и ми е една од главните мотивации кога пишувам. Исто така, истражувањето не е секогаш индивидуален процес. Тоа е најчесто продукт на колективна работа и соработка. Околината и моите колеги од Институтот за автоматика ми се исто така голема мотивација и поддршка. Во таа насока, би го споменал колегата Димитар Нинески, со кој моментално пишуваме неколку заеднички трудови од областа на нумерички методи за контрола на системи.

Ви недостасува ли татковината? Како е да сте во странство? На што еден млад човек треба да биде подготвен за да успее во Светот?
Па искрено татковината од секогаш ми недостасувала. Сметам дека тоа е една од работите која ни е заедничка на сите ние кои сме во странство, колку и понекогаш да мислиме дека не е така. Чувството да сте надвор од државата во која сте се родиле, на почетокот за мене беше како да одам на летување. Всушност, се наоѓате во нова околина каде ништо не ви е познато, запознавате нови луѓе, нов јазик итн. Но, како што поминува времето, се повеќе и повеќе се навикувате и почнувате да се прилагодувате. Како млад човек во странство треба да сте спремни да се прилагодите на околината и условите. Една од најважните работи која би ја издвоил е познавањето на јазикот. Доколку државата и луѓето во која моментално живеете се спремни да не прифатат со отворени раце, тогаш мислам дека во најмала рака треба да се потрудиме и ние да им возвратиме на еднаков начин.

Што ве мотивира за да успеете во животот?
Голем дел од мотивацијата ја црпам од членовите на мојата фамилија кои се моја најголема поддршка. Тие се секогаш тука за мене и секојдневно ме инспирираат. Без нив не би бил ни пола пола од човекот којшто сум денес. Исто така, желбата да бидам што е можно подобра верзија од мене секој ден е голема мотивација за мене.

Како го исполнувате вашето слободно време?
Моето слободно време се трудам да го исполнам со повеќе активности. Моментално мојата главна спортска активност е Cross Fit, нешто во коешто многу се пронајдов и би го препорачал на сите оние кои сакаат кратки но интензивни тренинзи, кои содржат атлетика, гимнастика и кревање на тегови. Исто така, понекогаш играм пинг понг со моите колеги. Освен за моето физичко здравје, се грижам и за психичкото. Пред околу две години започнав да практикувам Зен медитација, која ја води професорот на мојот институт, институтот за автоматика, Paul О’Leary. Инспиративно е за сите нас, кои сме негови колеги, да учиме од него не само нешта поврзани со машинството и струката, туку и техники за медитација, начини за справување со стрес и слично. Исто така, едно од моите омилени хобиа е готвењето. Наоѓам големо задоволство да приготвувам нешто што претходно не сум го направил, а потоа го споделувам со моите другари и колеги. Исто така, за викенди практикувам да гледам фудбал, особено Liverpool.

Што ќе им порачате на сите кои го читаат ова интервју?
Би им порачал да уживаат во животот и во работите кои ги прават среќни. На сите нас ни е дадена шансата да го живееме овај живот, единствено нешто што треба да одлучиме е како да го поминеме времето кое ни е дадено. Ќе завршам со зборовите на писателот Allan Watts: „It’s better to have a short life that is full of what you like doing, than a long life spent in a miserable way“.

Share

Последно поставено

интересно

Охрид и Париз го чествуваа големиот македонски научник д-р Анастас Коцарев

Чествувањата на Коцарев беа заокружени вчера со комеморативна церемонија одржана на неговиот гроб во...

Имав професори кои ме научија дека математиката е многу повеќе од натпревари

Никола Велов, вундеркид во математика раскажува за условите за учење во Математичката гимназија во...

Охриѓанката Миланка Новеска ја освојува оперската сцена во Шведска

На „Детски Евросонг“ ја отпеа песната „Омилена“, посветена на Македонија. На деветгодишна возраст застана...

Готвачите Антонио и Петре се вистинска гордост!!

Текстот може да го прочитате ТУКА
претходниот член,АНА ХОЛМ
Следната статијаТАВЧЕ ГРАВЧЕ