Дешира Ахмети- Крлиу

0
305

Мојата единствена желба беше, да го школувам мојот глас на професионален начин и тоа на најсофистициран начин, оперски. Ме следеше среќа што бев одбрана да бидам студент на еден голем уметник, како што беше Нина Мула. Интервју со оперската пејачка Дешира Ахмети – Крлиу

Родени сте во Дебар, каде што завршивте основно образование, а по тоа и средно економско училиште, од каде потребата да продолжите со музиката и да се запишете на Факултетот за музичка уметност во Тирана?
Од мојата рана возраст пеев со мојот детски глас и сите околу мене ми велеа дека поседувам убав глас, кој извира длабоко од мене со сите мои емоции, песната беше мојата детска радост. На некој чуден начин, бев избрана од моите учители за разни школски натпревари и не само тоа туку и за разни градски приредби, така што по завршувањето на средното училиште, мојата единствена желба беше, да го школувам мојот глас на професионален начин и тоа на најсофистициран начин, оперски. Тоа беше мојот детски сон, еден ден да бидам на сцената како формиран оперски уметник.

Како течеа студентските денови на Факултетот за музичка уметност во Тирана, имавте можност да бидете студент на познатата Нина Мула, мајка на светски познатата оперска пејачка Инва Мула, која е позната по улога во култниот филмот „Петтиот елемент”, на што ве учеше Нина Мула, кои совети ќе ги паметите и кои ви даваат насока на работење и ден денеска?
Мислам дека ме следеше среќа што бев одредена да бидам студент на еден голем уметник како што беше Нина Мула. Стекнав големо искуство од неа, не само од советите за професионалниот живот туку и за приватниот живот ми беа важни нејзините совети. Академијата за уметности во Тирана беше на високо ниво. Речиси сите професори беа школувани во Италија, Русија, Австрија, а за мене беше право задоволство и привилегија да бидам едуцирана од тие кадри.

Паралелно додека студиравте во Тирана во 1994 година започнавте да работите и во хорот на МОБ, а од 2005 година почнавте да настапувате солистички, што за вас значи операта, како се подготвувате за носечките улоги, што ви е потребно за да блескате на сцената?
По завршувањето на студиите почнав да работам во Македонската опера и балет, како дел од хорот и во меѓувреме имав неколку солистички концерти со оркестарот на Македонската филхармонија и МОБ, за да во 2005 година бидам избрана за солист на главни улоги при Македонската опера и балет. Операта за мене е внатрешна сила која доаѓа од дното на мојата душа, јас ја чувствувам како душевна храна, вградувајќи ја во секој мој настап, јас се трансформирам во улогата која ја интерпретирам во која внесувам многу емоции и посветеност, навлегувајќи длабоко во карактерот на ликот кој го толкувам, а со сето тоа го давам најубавото од мене на сцената.

Покрај оперската вештина за да ја испеете улогата, колку е битно да се навлезе и во карактерот на ликот?
Во секој случај основното е вештината и техниката на пеење која се усовршува секојдневно и со секој настап на сцената. За да се навлезе во карактерот на улогата која ја интерпретирам, прво го анализирам либретото, се запознавам убаво со содржината и потоа ја подготвувам музиката и ја импостирам на мојот глас. За да се реализира една оперска улога, требаат повеќе работи да се доведат до совршенство за да се дојде до финалната реализација на сцената.

Каква е разликата во пристапот на подготовката за оперски настап и на подготовката за солистички концерт?
Не би можела да направам разлика во смислата на одговорност во приоритетите за солистички концерт и улога во оперска претстава. За солистички концерт, се изведуваат претежно арии од светски композитори и секоја ариа бара посебен третман и интерпретација, сите очи се вперени во тебе, сам си на сцената и целото внимание е насочен во пејачот, додека во оперската претстава секако ја имам истата одговорност, но за целокупната успешност на претставата одговорноста на некој начин ја споделуваш со другите колеги иако секој носи своја одговорност за својот настап.

Колку за вас се важни критиките од публиката и критичарите, дали тие ви даваат насока во работењето?
За секој уметник, а и за мене критиката е многу битен фактор, поготово кога постојат критичари кои ја признаваат оперската уметност, во тој случај тие ги креваат вредностите на самиот уметник. Секако ниту еден уметник не посакува да биде искритикуван од нив, но јас лично чувствувам огромна благодарност и секако одговорност пред мојата публика и затоа се трудам да дадам се од себе и нивната поддршка ми значи многу.

Имате дебитирано со улогата на Микаела од операта „Кармен” од Жорж Бизе, но по тоа следуваат голем број на улоги како што се Памина во „Волшебната флејта” од Моцарт, Неда во „Палјачи” од Руџеро Леонкавало, Антонија во „Хофманови приказни” од Жак Офенбах, која од улогите кои до сега ги имате толкувано ви била најсложена во процесот на подготовка, а која карактерно е блиска до вас?
Да, јас дебитирав како солист на Македонската опера и балет во улогата на Микаела во операта „Кармен”, по тоа следеа Памина „ Волшебната флејта”, Лиу во „ Турандот”, Сантуца во „ Кавалерија Рустикана”, Неда во „Палјачи”, Дона Ана во „ Дон Џовани”, Антонија во „ Хофманови приказни” и Доника во операта „ Скендербег”. Сите овие улоги ги интерпретирав со големо задоволство и во сите овие улоги се најдов самата себе со мојата интерпретација и вокално не ми е ни малку лесно да извајам една од нив, сите ми се омилени и во секоја од нив се наоѓам самата себе како уметник.

Со која улога сакате во иднина да настапите пред домашната или странската публика?
Освен улогите кои ги споменав погоре, улогите кои ми лежат на мојот карактер и кои оставаат силен впечаток на публиката се улогата на Тоска во операта „Тоска” од Пучини и Леонора во операта „Trovatore” од Верди. Се надевам дека ќе имам прилика за да ги отпеам на сцена.

Покрај професионалниот живот, вие сте мајка и сопруга, како го исполнувате вашето слободно време и како правите баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот?
По природа сум многу организирана личност, секогаш умеам да го поделам времето на професионален живот и приватен. Не е лесно за една жена и мајка да биде успешна во професионалниот и приватниот живот во исто време, но кога успееш и двете да ги реализираш истовремено, тогаш тоа ти го прави животот поисполнет и мислам дека го постигнувам тоа и токму тоа ме прави да бидам многу среќна.

На релација сте Скопје – САД, изминативе години, зошто што ве поттикна да патувате и да живеете во САД?
Уметноста нема граници затоа и уметниците треба во овој безграничен хоризонт да си ги бараат вредностите на самите себе, работејќи. Јас на пример се најдов себе си во неколку престижни светски сцени во New York како Carnegie Hall, Lincoln Center-Alice Tully Hall, Town Hall, споделувајќи со мојата публика.

Што ви недостига од Дебар?
Од мојот роден град ми недостига убавата природа и топлина која ми ја подаруваат луѓето од тој град.

Што ќе им посакате на сите читатели на ова интервју?
Прво сакам да ја искористам оваа прилика и да им се заблагодарам на сите мои обожаватели што ме поддржуваат во сите овие години и една кратка порака до сите оние кои имаат прилика да го прочитаат ова интервју, да слушаат повеќе квалитетна музика, да ги едуцираат младите со вистинска уметност, затоа што само на овој начин светот ќе биде многу поубав.