Во Сиднеј ЧЕСТВУВАЊЕ ЗА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ И КОМЕМОРАЦИЈА ЗА СТОЈАН РИСТЕСКИ

0
61

Минатиот петок, 5 фввруари, Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ во својата библиотека одржа беседа по повод 128 годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев. За делото на поетот зборуваше поетесата Лилјана Тошеска а извадоци од поемата „Сердарот“ рецитираше поетесата Марија Александрова.

На средбата исто така се одржа пригодна комеморација за проф. д-р Стојан Ристески кој почина во Охрид на 30 јануари.

Стојан Ристески беше задоен од креативниот дух на Григор Прличев, како просветен и научен работник, писател, хроничар на Охрид и голем родољуб.

За животот и делото зборуваше писателот Душан Ристевски кој направи корелација на просветната дејност на Прличев со Ристески кои не само во Охрид туку и во другите градови, а и држави, го предаваа и прошируваа македонскиот јазик.

Стојан Ристески беше автор на 49 книги, меѓу кои  и „Судени за Македонија“, „Моите кодоши“, „Прогонувани за Македонија“ , „Гоцевата внука Катерина“ и повеќе монографии за познати дејци од Охридско како и за селата Оровник, Болино и Велгошти. Тој целиот свој живот го посвети на борбата за независна Македонија и поради неговата идеологија и издаваните научни трудови постојано беше на удар од домашните комунисти.

Стојан Ристески неколку децении беше и почесен член во Литературното друштво „Григор Прличев“. За соработката и средбите зборуваше поетот Иван Трпоски кој нагласи дека Стојан многу ја ценеше работата на Друштвото и секогаш ја помагаше и промовираше издавачката дејност на истото со пишување рецензии и предговори, средување и уредување на книги за членовите.