Родниот крај и своите сограѓани од дебарскиот регион и за големиот исламски празник, Рамазан Бајрам, не ги заборави Мунир Шемси, познат бизнисмен во Италија, по потекло од Центар Жупа. -Станува збор за 600 пакети со прехрамбени артикли и средства за одржување хигиена наменети за семејства од социјално ранлива категорија и тоа во трите општини од нашиот регион. Овој пат Шемси обезбеди и 400 пакети за ваква категорија граѓани од неколку општини во источниот дел на Македонија, велат непосредно вклучените во распределбата на оваа донација. Шемши за МИА изјави дека ова е нешто најмалку што може да направи за своите сограѓани, кои се нашле во неповолна социо-економска состојба, додавајќи дека никогаш не треба да се заборави од каде потекнуваш, независно од тоа колку си постигнал во животот. – Не би можел да го одбележам претстојниот голем празник Рамазан Бајрам, со моето семејство а да не ги израдувам барем малку овие семејства и да ја вратам насмевката на нивните лица. Во градот Венето, Италија, живеам веќе 29 години, но никогаш не ги заборавив моето родно Коџаџик, општина Центар Жупа и целиот поширок дебарски регион, ни рече Шемси во телефонски разговор. Помошта, ја примија градоначалниците на Дебар, Хекуран Дука и на Центар Жупа, Аријан Ибраим, како и претставник на Маврово и Ростуше, кои искажаа голема благодарност. Благодарноста не изостана и од Медат Куртовски, градоначалникот на општина Маврово и Ростуше. Шемси е познат и по тоа што минатата година го купи Велигденското чоколадно јајце на лицитација во Венето по повод католичниот Велигден за 30.000 евра кои беа наменети за справување со пандемијата со Ковид-19, кој беше еден од најпогодени италијански региони. Тој минатата година донираше 30.000 евра во македонското Министерството за внатрешни работи наменети за справување со пандемијата, а во неколку наврати донираше и хуманитарна помош. -Секогаш и во секој миг сум подготвен да и помогнам на мојата матична земја, Македонија и нејзина промоција надвор од нејзините граници, додаде Шемси.