Магичните љубовни зборови на Оливера Јовановска

0
140

БЛАГОСЛОВИ МАЈКО

Ајде мајко во чаршија

Да купиме прстен бурмајлија,

Вечер сватови да одиме

Неа дома да ја водиме.

Без неа дома не се враќаме

Ако треба три музики ќе праќаме,

Срцето мое, само за неа бие

Сиот град нека знае и чуе.

Снага тенка, висока

Убава како самовила,

Усни како цреши зрели

Болен сум мајко за нејзини бакнежи врели.

Отвори мајко вратите

Во домот наш да се всели,

Да сме вечни, здрави и весели

Од тебе и Бога благословени.

Со рожба Бог да не дарува

Љубов, слога во домот да царува,

Адети стари да негуваме

Македонско име за век да чуваме.

 МОМА МАЏАР-МАЛКА

Покрај Драгор едно утро прошетав

Лична мома Маџар-Малка здогледав,

Бело лице миеше, солзи од очи криеше

Тешки клетви по младо момче фрлаше.

Сто години да живее,                      

Сто држави да прошета,

Сто девојки да залуби

Мене да не заборави!

Низ Битола еден ден прошетав

Од Безистен до чаршија,

Иста мома Маџар-Малка здогледав,

Есап, пазар, правеше, скапо срма плаќаше 

Џабе не сакаше, на трговец му лафеше.

Сто години да живее,                      

Сто држави да прошета,

Сто девојки да залуби,

Мене да не заборави!

Еј, ти момче млад аџамија,

Не сакам ништо вересија

Не сакам ништо бадијала.

Срце ми е ветено, бело лице љубено

Дарови спремам за него, така било судено.

Сто години да живее,                      

Сто држави да прошета,

Сто девојки да залуби,

Мене да не заборави!