Над 40 години негување и промовирање на македонскиот јазик во Австралија

0
39

Македонското литературно друштво „Григор Прличев” од Сиднеј, Австралија, на 31 март наврши над 43 години од формирањето. – Ова друштво е формирано на 31 март 1978 година со цел да ги зближи и соедини македонските емигранти од Австралија, кои активно создаваат на полето на литературата; да го чува и одгледува македонскиот литературен јазик и македонската литература. За остварување на овие цели Друштвото презеде разновидни активности, како организирање на културно-литературни средби, семинари, наградни конкурси за „Прличева награда”, издавање на списанието „Повод”, формирање библиотека со читална и архивски оддел и издавање книги од самите членови пишувани на македонски и англиски јазик. За последните над четириесет години Друштвото успешно секоја година ги одржува наградните конкурси за поезија и раскази, како за возрасни, така и за деца, преку кои ги поттикнува поетите и раскажувачите да творат. Секоја година организира по неколку поетско-литературни средби за одбележување на годишнината на Друштвото како и за македонските национални денови „Илинден”, годишнините поврзани со поетот Прличев и со апостолот Гоце Делчев, како и промовирање книги. Трипати Друштвото беше активно вклучено во координирање на Деновите на македонската култура во државата Нов Јужен Велс и двапати одржа Македонски филмски фестивал. Друштвото исто така успешно го издаваше своето списание „Повод” од кое се издадоа 54 броеви до 1990 година и над 90 наслови на книги од различни жанрови на македонски и англиски јазик. Во Библиотеката, која е единствена од ваков вид во дијаспората, има повеке од шест илјади наслови и истата поседува богат архив со материјали и изданија од македонската заедница во Австралија. Во Друштвото и Библиотеката членуваат 330 редовни членови. Друштвото има соработници од повеке градови во Австралија и во истото членуваат и извесен број почесни членови: Матеја Матевски, Славко Јаневски, Ѓорги Сталев, Блаже Конески, Илија Чашуле, Томас Шапкот, Реџинал Де Бреј, Стојан Ристески, Науме Радически, Анте Поповски, Славе Ѓорго Димоски, Разме Кумбароски, Блаже Ристовски, Јован Кокаловски, Александар Донски, Иван Трпоски, Душан Ристевски, Панде Манојлов, Раде Силјан, Фиданка Танаскова, Трајче Кацаров, Славе Катин, Мартин Треневски, Ристо Стефов и Васил Тоциновски. Друштвото од самиот почеток активно беше вклучено во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, јазикот, културата и историските постигнувања на Македонците. Друштвото даде иницијативи, во зависност од потребите на заедницата, да се формира Шаховска асоцијација, Драмска асоцијација за млади, Комитет за човекови права, Дебатен клуб, Клуб на ликовни уметници, Служба за социјална грижа, Социјално друштво за жени, Училишта по македонски јазик и Театар. Друштвото беше активно вклучено во организирање собири и протести и издавање повелби и резолуции за зажувување на македонскиот идентитет и нација и во борбата против шовинистичките држави кои го негираат постоењето на Македонците кои живеат во поробените делови на Македонија, како и до македонските влади кои од независноста на Република Македонија многу малку придонесуваат за обединетоста на Македонците и зачувување на нашиот идентитет. Се надеваме дека Друштвото со членовите ќе продолжат преку својата креативност да го негуваат македонскиот литературен јазик, македонскиот идентитет и културно-историските постигнувања на Македонците без разлика каде тие живеат – изјави почесниот претседател на друштвото Душан Ристевски, специјално за „Нова Македонија“, по повод јубилејот на „Григор Прличев“. Превземено од весникот Нова Македонија