Голем успех на штипјанецот Бојан Мицев: Во Германија освои награда од публика за првата кореографија зад која се потпишува

0
217

Младиот и талентиран танчер од Штип, Бојан Мицев уште еднаш докажа дека неуморно го следи својот сон. Танцот му помогна одреден период да живее во Шпанија и да ја запознае тамошната култура и принципи на работа, потоа му се отворија вратите на „TheaterHagen“ во Германија, а од неодамна работи во „Theater Osnabruck“, исто така во Германија.

Покрај редовните ангажмани, тој беше дел и од програмата програмата „SubsTanz“ – вечер на млади кореографии, каде танчерите имаат можност да креираат свои дела и да го остават својот кореографски потпис. Во рамките на оваа програма, тој се претстави со неговата прва кореографија „BEYOND THE DOOR“, која се издвои како фаворит од публиката.

„Годинава беа креирани 5 кореографии кои како дел од танцовиот репертоар на компанијата се одиграа седум пати. Посебно ми е драго што наградата за мојата кореографија „BEYOND THE DOOR“ е од публиката, која патем уште од самата премиера гласаше анонимно, за тоа која од 5-те претстави е нејзин фаворит. Тоа е најискрената награда што може да се добие, бидејќи публиката никогаш не лаже, посебно кога се наоѓаш на туѓ терен пред странска публика.“

Наградата не ја очекувал, туку бил фокусиран да создаде дело во кое публиката ќе ужива.

„Воопшто не размислував за добивање награда, бев фокусиран на процесот да создадам ново дело за кое видов дека публиката уживаше и го наградуваше со голем аплауз.“

Како што ни открива Бојан, процесот на создавање кореографија траел еден месец, а заедно со него, со свои кореографии се претставиле и неговите колеги од Израел, Кина, Јапонија и Велс.

На крајот, Бојан ни откри и колку е важна оваа програма за еден млад танчер, кој се стреми да стане иден кореограф.

„Тоа е исклучително важен програм и отскочна даска кон кореографската кариера, не само од аспект на креирање на кореографскиот тек, туку од аспект на целокупниот продукт, бидејќи освен за кореографијата, наша беше идејата и за светло, костими, сценографија и музика. Музиката за мојата кореографија е оригинално компонирала од македонскиот композитор Томе Темелкоски.“ 

И. Мисајловска

 

(преземено од „Hashtag“)

Оригиналниот текст можете да го прочитате ТУКА